

По повод објавувањето на збирката есеи “Што не знаеше Орвел – Пропагандата во новата американска политика“, на 29 октомври 2009 година, во организација на ФИООМ, во Скопје се одржа дебата за состојбите во македонското општество на темите обработени во збирката: пропаганда, извртување на вистина, пристрасност, манипулацијата со јавноста.
Како основа за есеите на група автори, земено е ремек-делото на Орвел “Политиката и англискиот јазик“. Размислувајќи за Орвел, авторите фрлаат нова светлина врз моќта на политичарите и на медиумите и нивната улога во презентирањето на својата “вистина“ на јавноста.
Книгата ја претстави Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ, а на дебатата говореа Климе Бабунски, Роберто Беличанец, Газменд Ајдини, Марјан Забрчанец, Александар Ивановски, Дамјан Здравев, Тања Милевска, Сашо Орданоски и Драган Антоновски.
Бабунски даде пресек на актуелноста на книгата и делата на Орвел во македонскиот општествен контекст. Марјан Забрчанец од Младинскиот образовен форум, дискутираше за тоа колку и на каков се начин младите се изложени на пропаганда, а Роберто Беличанец и Сашо Ордановски зборуваа за тоа како функционира пропагандата и манипулацијата на власта.
Во контекст на политичките притисоци врз медиумите, цензурата и медиумската автоцензура дискутираше Драган Антоновски, додека Дамјан Здравев од Плоштад Слобода се осврна на извртувањето на информациите пласирани преку медиумите за настанот на плоштадот Македонија во Скопје, кога група студенти од Архитектонскиот факултет, учесници на протестот против изградбата на црква на плоштадот, беше нападната од група граѓани со спротивни ставови.
Тања Милевска, проговори за начините на кои од новинарите се бара “патриотско“ известување за ЕУ и НАТО, но и за хајката од страна на власта и на дел од медиумите, на која се изложени дописничките од Брисел. (Извор: ФИООМ)