

Светскиот марш вчера пристигна во Република Македонија, 21-вата од преку 90 држави на неговиот пат пред да кулминира во Аргентина, на 2 јануари 2010 година, по еднодневниот престој во Солун. На јавната средба одржана синоќа во Охрид, Димитар Мирчев, советник на Претседателот Ѓорге Иванов потврди дека Иванов ќе се сретне со делегација на Светскиот марш денеска попладне, во Скопје.
Џорџо Шулце, гласноговорник на Маршот за Европа, ќе ја предводи делегацијата. Тој им вети на учесниците во панел расправата дека ќе го постави прашањето на вмешаноста на Македонија во Авганистан и Ирак, како и за политиката на зачленување во НАТО.
Претходно, денот започна со традиционална церемонија на пречек на граничниот премин Меџитлија, кај Битола, каде балканскиот тим на Светскиот марш беше пречекан со леб и сол од локалните организатори на дводневните настани во Македонија.
По краткиот прием и изведбата на традиционални народни песни и ора, автобусот на Светскиот марш замина за Ресен, каде беше одржана средба со заменикот на градоначалникот.
По пристигнувањето во Охрид, беше одржан симболичен марш со учество на ентузијастички настроените ученици од локалните учишта, до живописниот плоштад на брегот на езерото, каде беа пречекани од Претседателот на Советот на Охрид, Душко Јаковчески.
Дневната програма заврши со јавна средба, на која членовите на Балканскиот тим имаа можност да ги пренесат искуствата од различните земји низ кои помина маршот, вклучувајќи ги и Палестина, Израел, Јужна Кореја и Јапонија.
Студенти од Институтот за одбрана и мировни студии на Филозофскиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методи од Скопје, му дадоа поддршка на Светскиот марш кој има за цел повлекување на окупациските војски од странските територии и отфрлање на војната како средство за решавање на споровите. Двете теми се иманентни во Република Македонија.
Професорката Билјана Ванковска, цитирајќи го Хауард Зин, рече дека „е невозможно да се биде неутрален на воз кој се движи“, и објасни дека наутралноста пред насилството е морално неприфатлива. Таа исто така говореше како била инспирирана од говорот на Мартин Лутер Кинг против војната во Виетнам.
“Границите не се зацртани од виша сила, туку од луѓето и нивните влади. Тоа треба да биде почетна точка дури и за нас во Македонија. НИе сакаме да бидеме дел од ЕУ и да бидеме слободни луѓе. Се чувствуваме затворени во гето затоа што ни требаат визи за каде било. Се надевам дека кога ќе ја постигнеме нашата слобода нема да заборавиме на оние кои се уште не ги уживаат истите права“, рече Ванковска.
Зборувајќи за војната во Ирак, таа рече дека ја делиме одговорноста за тоа што се случува таму. „Ние сме во Ирак затоа што нашата влада верува дека тоа ќе ни помогне да влеземе во НАТО. Лично, сметам дека тоа е превисока цена“.
Во текот на неформалните средби што следеа, Ванковска, заедно со грчките членови на тимот на Светскиот марш, се согласија да подготват нацрт на заедничка изјава за тековниот спор за името на државата кој е извор на тензии од прогласувањето на независноста на Македонија во 1991 година. (Извор: Светскиот марш во ЈИЕ)