

Незадоволни од Предлог-законот за авторски права, вчера претставници од Центарот за развој на медиуми и од електронските медиуми ТВ Канал 5 плус, ТВ А1, ТВ Коха одржаа прес-конференција на која ги изнесоа своите забелешки и мислења за текстот што го изготвува Министерството за култура.
Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиуми соопшти дека новиот закон што треба да се транспондира со европскиот го прави сосема спротивното, зголемувајќи ги проблемите со авторските права.
Најголемиот проблем во Предлог-законот, како што се произнесоа претставниците на електронските медиуми, се однесува на делот на колективно остварување на авторските права. Имено, за нив е несфатливо надоместокот за авторски права да се наплаќа од бруто-приходот акумулиран од вршење дејност. Тие побараа тој да се пресметува според добивката од користење на авторското дело.
Директорот на ТВ Канал 5 плус, Виктор Грозданов, повика на соработка со сите страни што се засегнати со користење и плаќање лиценци за користење авторски права.
Претставниците беа изреволтирани од затворениот став на Министерството за култура, кое иако ветило дека ќе бидат вклучени претставници од медиумите при изготвување на законот, не го исполнило тоа.